Friday, November 24, 2006

(Како станав терорист – акт 1) Мојата потисната желба за титула

Дојдов до ситуација да се прашам себеси дал моите критериуми за трајни вредности се грешни. Но колку и да сакам барем теоретски да докажам дека се грешни, не можам, едноставно не е можно да се докаже. Доаѓам во ситуација да се прашам дали можеби сум будала? Дали можеби страдам од амнезија? Дали сум анорексичен? Дали патам од кокошјо слепило? Дали сум лицемер? Дали можеби сум мегаломан? Дали...што?

Ај прво ме изедначија со некој што оние кои прво ги убил, така веќе мртви ги осакатува и се изживува врз нив. Се подложив и на психијатриска анализа и хипноза за да откријам дали јас сум можеби тој кој ги запрел вентилите за вода на водоводот со кој се напојуваат над 100000 граѓани. Психијатарот ми рече: “Не, ти сигурно не си тој“. Сеуште не бев сигурен, мислев дека мојата психа намерно потиснала и заборавила некои работи, па отидов и кај другарот од ров да го прашам дали можеби ние сме егзекутирале или мачеле цивили, но и тој ми рече:

- “Не! Шо ти е бе, еј?! Нормален ли си ти? Си полудел ли?“.

- “Не, не...онака, мислев нешто сум заборавил. Но сега сум сигурен дека не сум, фала друже, се слушаме“

- “Абе чекај бе, чекај малку. Кажи зашо прашуеш?“

- “Не бе нишо, се збунив малку, се е ок, се заебавав бе, ај поздрав.“

- “Поздрав друже, и не прашувај више вакви глупости. Мислам стварно глупо...“

И покрај сите докази дека јас не сум терорист, прифатив да ме изедначат со психолошкиот профил што го има терористот. Иако тоа создаде голема и трајна болка, помислив дека тоа ќе биде крајната и последна иронија, па преќутив.

Многу често ја чувстував и понекогаш сеуште ја чувствувам гадната мачнина, понекогаш ја создаваа партиските моќници со нивните бесцелни меѓусебни напади за тоа кој што направил во минатото. Но уште поголема е кога ќе чујам обични луѓе-слепци кои го научиле на памет тоа туѓо меѓусебно напаѓање, со потполно истата реторика и стил, разговор меѓу глуви, разговор за нешто што е минато, непроменлива категорија.

Во меѓувреме продолжив да живеам како и пред 4 март 2001, единствено се трудев да избегнувам се што е поврзано со тој период, со мали ментални задршки и кратки размислувања кои остануваа во мојот мозок, бегав. Пред 2001 година моите ставови беа главно космополитски, во добар дел и денес се такви, но не толку широкогради како пред тоа. Оние што исчезнаа не се претворија во злобни желби, тие се претворија во осознавање на моментната крајна вистина. Така бегајќи, шетам низ градов, купувам неколку весници, седнувам на едно еспресо, а одејќи натаму забележувам еден голем билборд на кој на неколку јазици пишува: “Заедно сме посилни“. Ги прелистувам весниците и во секој од нив потполно истата слика(реклама) “Заедно сме посилни“. Тоа ми личи единствено како дело на група концинатори кои вршат насилна, неприродна и нестабилна копулација. Рекламата е средство за продавање на производи кои или се амортизираат, или имаат рок на траење, а најчесто се за еднократна употреба. Една таква идеа и мисла не се продава, до неа се патува по сопствено создаден пат. Зближувањето меѓу луѓето кои се различни по било која основа е природен и неминовен процес, но секое насилно копулирање е краткотрајно и има страшен реверзибилен ефект. Гарантирам дека поголем ефект на зближување ќе се постигнел ако сите тие финансии потрошени за тој проект се насочеле кон помош на оние на кои им е крајно потребна. Ќе избереле четворица такви, ете нека биде по етнички клуч, на пр. Ром, Албанец, Србин и Македонец, па токму тие четири индивидуи подоцна би ширеле поголем и реален позитивен ефект на зближување, а не некојси десетметарски билборди.

Последните пет години најчесто употребуваниот термин е: “двојни аршини“, добро ќе беше да е само термин, но за несреќа вистина е. Секогаш кога ќе го чуев ми создаваше неописливо чувство на страшна немоќ и мачнина, во тој дел од секундата помислував: “Како јас не бев некој од оние кои ги погодило некое залутано зрно“. Сеуште ми создаваат мачнина и ме се гади од сцените на препукување помеѓу двете македонски партии, првите ме користеа во партиска промоција иако јас не им дозволив мојата личност да ја врзат за својата партија, а вторите ме нарекоа “гомно“. А што направив јас за и едните и другите така да се однесуваат кон мене, јас едноставно одговорив на повикот од државата, не се скрив кога полицаецот на 4 март културно ме покани, а јас уште покултурно ја прифатив поканата. Не ја прифатив поради нив, прифатив зошто секогаш сум ја сакал земјата и сеуште ја сакам каква и да е во моментов. Ако некого не сакам, не ги сакам нив, ни првите, ни вторите, ни третите, нивните партиски активисти едноставно ми се одвратни, не поради нив самите туку поради нивните лидери и раководства, најчесно кажано поради нивните дела. Чувството на мачнина појако од било кога во мојот живот, повторно ми се врати вечерва, за среќа го нема назад она второто чувство. “Борците за права“ ќе биле заштитени со закон, специјално создаден само за нив, предност за вработување, медицински повластици, социјална помош итн? Најискрено браво, одлична идеја од аспект на хуманост, а што добив јас? Ах, да добив 24.450,00 денари оштета од МВР и засекогаш ќе ги чувствувам последиците од повредата поради тоа што експресно (7дена) бев вратен на терен, но сепак за среќа немам никаков инвалидитет и тоа ми е доволно. Не ми е мене лично потребен никаков закон, ниту сакам да бидам привилегиран, ниту јас лично би прифатил, но аршините...пак ме фаќа мачнина од тој збор, пак... Гадост, хипокризија, лицемерие, дефетизам, мегаломанство, клептоманство, мизерност...долг е описот на сите мои заклучоци, чувства и желби, премногу долг. Едноставно ќе кажам, мојата личност се чувствува предадена, но добро повторно сум жив, повторно можам да дишам, ја нема повеќе мојата виртуелна астма. Има разни типови на предавства, некои се трпат, но некои не...

Гадна мачнина ми предизвикуваат и изјавите на квази-пацифистите, личности кои се на нечии платни списоци, и плукаат врз секој оној кој имал храброст и доблест, јавно во некој медиум да ја изрече вистината. Потоа за нив се вели дека имаат предрасуди, иако предрасуда во реалност не постои, постои само став кој е различен од нечиј друг став. Таквите квазимодовци нека се запрашаат себе си каков став имаат, кога веќе не се способни да изречат бар една вистина. Кога некој јавно ќе ја каже вистината, јас тоа го чувствувам како еквивалент на Одата за Радоста. Ионака општо е познато, секоја крајност, било ваква или таква, предизвикува огромни штети, па така и овој квази-пацифизам. Било која крајност е штетна за секого и секаде!, па вклучувајќи го и нормалниот пацифизам по секоја цена, ако воопшто нешто што оди во крајност може да биде наречено нормално. Што значи таа крајност, мир по секоја цена? Дали и ако цената е моето непостоење? Самоубиството е смртен грев, природна човечка состојба е да даде отпор, а златната средина е вечен баланс и знак на отворен и широк ум. Единствено вистината има позитивно влијание, па каква и да била таа вистина, моќта и толку голема што колку и некој да ја крие таа сама излегува на површината. Таквите суштества и креатури како квази-пацифистите, плукаат и фрлаат со камења врз мене, еден од оние кои им влевале барем мала доза на сигурност додека спиеле во своите кревети, во некои блиски немирни времиња. Таа нивна особина ја користат и за некои кои истото го правеле и во подалечното минато, немаат никаков основен човечки респект и чувство за правда, вистина и реалност. Знам, за да бидеш таков треба да бидеш наречен ЧОВЕК, тоа е титула со кој таквите и сличните не можат да бидат дефинирани, таа титула треба да ја заслужиш. Издржаноста на претходната реченица е уште поголема знаејќи дека е напишана од мене, личност која ја има титулата ТЕРОРИСТ, а не титулата човек, па така мојот став е реален, објективен, непристрасен и некорумпиран поради неприпаѓањето на таа група, ЧОВЕК.

Денес јас останав само еден злобен терорист, осамен терорист, можеби никогаш и немало други, навистина не знам, не паметам веќе, амнезија ли е, амнестија, алхемија, атрофија, анексија, анорексија, апатија... Ако, веќе не е битно, од денес титулата гордо ќе ја носам до крајот на мојот живот, не дозволувам никому да ми ја одземе. Да јас сум терорист, тоа е мојата награда, од срце фала ви на сите кои ми помогнавте да ја добијам наградата. Ветувам дека мојот нареден акт за некои ќе биде крајно болен и малку застрашувачки, а за поголем дел многу интересен и поучен, и ќе биде долг, многу долг...

До следниот акт, вашиот Терорист

2 comments:

Фројд. said...

Само напред, Терористу!

Ќе ги чекам и читам твоите комуникеа...

:)

Gjole said...

..да да -- само напред!!!

п.с. имаш нов блог-прјател - M-Soulz!

:-)